ЗА НАС <Географска положба>

 

ИСТОРИЈАТ, ФАКТИ | РАКОВОДНИ ТЕЛA, ВРАБОТЕНИ | ГЕОГРАФСКА ПОЛОЖБА
———————————————————————————————————————-

Градот Охрид е лоциран на крајниот југозапад на Република Северна Македонија, кој живеејќи со векови, добил своевидна физиономија во историска, архитектонска, ликовна и естетска смисла. Во текот на својата долга, богата и светла традиција, овој град доживува период на голем подем на развојот на културата и стопанството.

Не постојат зборови со кои може да се опишат убавината и богатството на Охрид. Распослан крај бреговите на прекрасното езеро, во подножјето на Националниот парк Галичица, Охрид е град во кој на секој чекор наоѓате сведоштва од богатата македонска историја. Населен од најрани времиња, градот кој некогаш имал 365 цркви – по една за секој ден во годината – и до денешен ден зачувал голем број од нив. Во себе тие кријат неизмерно богатство од фрески, икони, резба и недопирливо, но јасно присутно треперење на духот на македонскиот народ.

Охрид треба да го доживеете, да ги видите неговите бои, да ги почувствувате неговиот мирис и вкус. Да се нурнете во бистрото Охридско Езеро, а и да ги спознаете длабочините на битието на Македонецот кој со векови творел и го задржувал својот идентитет и покрај сите историски премрежија. За тоа зборуваат и многубројните творечки атељеа во градот, како и љубовта со која охриѓаните ги одржуваат своите куќи со монументална архитектура.

Охрид е еден од градовите кои УНЕСКО ги препознал како непроценливо богатство за човештвото. Охрид е душата на Македонија. Тука и денес духовните наследници на Климент Охридски творат и ткаат траги за иднината.