Category Archives: АКТУЕЛНО
Расчистен патниот правец до Корита

Екипите на Ј.П.„Охридски Комуналец„ во текот на вчерашниот ден го расчистија патот до месноста Корита на Галичица. Патот е расчистен од снежните наноси и прооден за лесни патнички возила. Охрид е привлечен за туристите не само во летниот период, туку и во зимскиот период , и навистина ќе е жално ако нашите сограѓани и туристите не уживаат во природните убавини на Галичица. Иако одржувањето на овој патен правец е во надлежност на „Македонија пат„, во интерес на граѓаните и бројните љубители на природата се спроведе расчистувањето на патниот правец до познатото излетничко место.
Отворете го следниот линк :
Реконструкција на дрворедот на „Булевар Туристичка„

Екипите на „Паркови и зеленило„ продолжија со акцијата за уредување на дрворедите во градот. Улицата „Јане Сандански„ е завршена, а од денес се уредува дрворедот по „Булевар Туристичка„. На потегот од новиот кружен тек до спортската сала се изврши кастрење и кроење на гранките, како и сечење на старите, суви и уништени гранки, согласно претходна проценка од наши стручни лица.
Засадени се и 4 нови садници од видот јавор. Во наредните денови се продолжува со другите делови од „Булевар Туристичка„ кои ќе се уредуваат етапно.
Со снежните врнежи екипите на Комуналец мобилни

Со утринските врнежи од снег екипите на Комуналец веднаш излегоа на терен. За непречено движење на пешаците рачно се расчистуваа најфреквентните тротоари, пешачки премини и пристапни патеки до училишта, градинки и други институции, а се интервенираше со специјална механизација по коловозите каде поради специфичноста на теренот е отежнато одвивањето на сообраќајот. Заради високата снежна покривка која во повисоките планински места изнесуваше околу 30цм се интервенираше со специјална механизација во приградските населби: Велестово, Рамне и Елшани. Екипите остануваат мобилни со оглед на најавените врнежи кои ќе траат до сабота.
Се расчистува потегот до Св.Стефан

После минатонеделната акција за расчистување на просторот околу магистралниот пат до аеродромот во Охрид, денес се расчистуваше појасот околу магистралниот пат Охрид-Св.Наум, на потегот од „Хидробиолошки завод„ до населба „Св.Стефан„. Ангажирани беа 10 работници, а подигнати се 50 вреќи комунален отпад, во најголем процент пластика и хартија.
Во изминатите денови подигнати 30м3 отпад од кејот

Изминатава недела заради нестабилните временски услови кои беа пропратени со силен ветер од јужен правец, „Охридски Комуналец„ имаше вонредни активности за расчистување на кејот и пристаништето од наноси од отпад кои ги исфрлаа езерските води.Во изминативе четири дена подигнати се околу 30м3 отпад.
Загрижува фактот што покрај трска, езерото исфрли големи количини комунален отпад од мини-депонии кои евидентно не се на територијата на општина Охрид и претставуваат опасност за езерото и еко-системот.
Акција за чистење на магистралниот пат од аеродром до Охрид

Почнувајќи од 16.01.2013 год. (среда), Ј.П.„Охридски Комуналец“ започна акција за расчистување на расфрланиот отпад (градежен шут и друг цврст отпад) покрај магистралниот пат Охрид-Скопје, на потегот од надвозникот кај влезот во Охрид до аеродромот. Иако надлежно за одржување на магистралните патишта е државното јавно претпријатие „ Македонија пат“, грдата слика на расфрлан отпад на влезот во нашиот туристички центар не треба да е пред очите на граѓаните. Затоа нашето претпријатие со сопствени средства, вработени и механизација го расчистува овој потег. Поради големите количини на отпад, во првиот ден од акцијата се расчистуваше потегот од надвозникот до „Св.Еразмо„ и подигнати се околу 80 вреќи отпад, а во наредните денови ќе се продолжи до аеродромот.
вака изгледаше појасот покрај магистралниот пат пред акцијата
во текот на вчерашниот ден собрани се 80 вреќи отпад
По силниот ветер вонредно се чисти кејот

Големото невреме кое синоќа го зафати охридскиот регион, проследено со силен ветер, од езерските води исфрли големи количини отпад на кејот и пристаништето. Екипите на „Јавна Хигиена„ од раните утрински часови се на терен расчистувајќи го натрупаниот отпад, каде најзастапена е трска и пластика. Подигнати се околу 10 м3 отпад.
Традиционално за Василица во Комуналец се бараше паричка

Верскиот празник Василица- Стара Нова Година го одбележаа и вработените во Ј.П.”Охридски Комуналец” со вртење на василичарска пита. Негувајќи ги традиционалните обичаи за охридскиот крај, се бараше паричка во пита која според верувањата на оној на кој ќе му падне , новата година ќе му биде среќна и бериќетна.
Оваа 2013 година ќе биде среќна и успешна за Рената Кочоска која имаше среќа паричката да падне кај неа.
Генералка на тротоарите во градот

Екипите на „Јавна хигиена„ и „Паркови и зеленило„ деновиве започнаа активности за расчистување на тротоарите во централното подрачје и периферните делови од градот. Тротоарите темелно се расчистуваат од наносите од песок и земја и се расчистуваат од изникнатата трева и останата ниска вегетација. Притоа се опфатени и граничниците од коловозите, а се дотерува и зелениот појас околу нив. Со овие припремни подготовки ќе се овозможи полесно одржување на тротоарите во пролетниот период.
Денеска се интервенира на „Булевар АСНОМ„ и ул.„Марко Цепенков„, а во наредните денови ќе се продолжи и со други улици.
Кроење на дрворедот на ул.„Јане Сандански„

Екипите на „Паркови и зеленило„ , почнувајќи од 09.01.2013 год. (среда), ќе спроведат акција за уредување на дрворедот од јавори на ул.„Јане Сандански„. Со оваа активност ќе се изврши кастрење и кроење на гранките, како и сечење на старите, суви и уништени гранки, согласно претходна проценка од наши стручни лица. На овој начин ќе се обезбеди соодветна подготовка на дрвјата пред пролетното раззеленување и цутење, како и подобрување на условите за непречено одвивање на сообраќајот и движење на пешаците.
Апелираме до граѓаните и правните лица да ги отстранат паркираните возила за непречено и безбедно изведување на планираните активности.