Category Archives: АКТУЕЛНО
Со снежните врнежи екипите на Комуналец мобилни
Со утринските врнежи од снег екипите на Комуналец веднаш излегоа на терен. За непречено движење на пешаците рачно се расчистуваа најфреквентните тротоари, пешачки премини и пристапни патеки до училишта, градинки и други институции, а се интервенираше со специјална механизација по коловозите каде поради специфичноста на теренот е отежнато одвивањето на сообраќајот. Заради високата снежна покривка која во повисоките планински места изнесуваше околу 30цм се интервенираше со специјална механизација во приградските населби: Велестово, Рамне и Елшани. Екипите остануваат мобилни со оглед на најавените врнежи кои ќе траат до сабота.
Се расчистува потегот до Св.Стефан
После минатонеделната акција за расчистување на просторот околу магистралниот пат до аеродромот во Охрид, денес се расчистуваше појасот околу магистралниот пат Охрид-Св.Наум, на потегот од „Хидробиолошки завод„ до населба „Св.Стефан„. Ангажирани беа 10 работници, а подигнати се 50 вреќи комунален отпад, во најголем процент пластика и хартија.
Во изминатите денови подигнати 30м3 отпад од кејот
Изминатава недела заради нестабилните временски услови кои беа пропратени со силен ветер од јужен правец, „Охридски Комуналец„ имаше вонредни активности за расчистување на кејот и пристаништето од наноси од отпад кои ги исфрлаа езерските води.Во изминативе четири дена подигнати се околу 30м3 отпад.
Загрижува фактот што покрај трска, езерото исфрли големи количини комунален отпад од мини-депонии кои евидентно не се на територијата на општина Охрид и претставуваат опасност за езерото и еко-системот.
Акција за чистење на магистралниот пат од аеродром до Охрид
Почнувајќи од 16.01.2013 год. (среда), Ј.П.„Охридски Комуналец“ започна акција за расчистување на расфрланиот отпад (градежен шут и друг цврст отпад) покрај магистралниот пат Охрид-Скопје, на потегот од надвозникот кај влезот во Охрид до аеродромот. Иако надлежно за одржување на магистралните патишта е државното јавно претпријатие „ Македонија пат“, грдата слика на расфрлан отпад на влезот во нашиот туристички центар не треба да е пред очите на граѓаните. Затоа нашето претпријатие со сопствени средства, вработени и механизација го расчистува овој потег. Поради големите количини на отпад, во првиот ден од акцијата се расчистуваше потегот од надвозникот до „Св.Еразмо„ и подигнати се околу 80 вреќи отпад, а во наредните денови ќе се продолжи до аеродромот.
вака изгледаше појасот покрај магистралниот пат пред акцијата
во текот на вчерашниот ден собрани се 80 вреќи отпад
По силниот ветер вонредно се чисти кејот
Големото невреме кое синоќа го зафати охридскиот регион, проследено со силен ветер, од езерските води исфрли големи количини отпад на кејот и пристаништето. Екипите на „Јавна Хигиена„ од раните утрински часови се на терен расчистувајќи го натрупаниот отпад, каде најзастапена е трска и пластика. Подигнати се околу 10 м3 отпад.
Традиционално за Василица во Комуналец се бараше паричка
Верскиот празник Василица- Стара Нова Година го одбележаа и вработените во Ј.П.”Охридски Комуналец” со вртење на василичарска пита. Негувајќи ги традиционалните обичаи за охридскиот крај, се бараше паричка во пита која според верувањата на оној на кој ќе му падне , новата година ќе му биде среќна и бериќетна.
Оваа 2013 година ќе биде среќна и успешна за Рената Кочоска која имаше среќа паричката да падне кај неа.
Генералка на тротоарите во градот
Екипите на „Јавна хигиена„ и „Паркови и зеленило„ деновиве започнаа активности за расчистување на тротоарите во централното подрачје и периферните делови од градот. Тротоарите темелно се расчистуваат од наносите од песок и земја и се расчистуваат од изникнатата трева и останата ниска вегетација. Притоа се опфатени и граничниците од коловозите, а се дотерува и зелениот појас околу нив. Со овие припремни подготовки ќе се овозможи полесно одржување на тротоарите во пролетниот период.
Денеска се интервенира на „Булевар АСНОМ„ и ул.„Марко Цепенков„, а во наредните денови ќе се продолжи и со други улици.
Кроење на дрворедот на ул.„Јане Сандански„
Екипите на „Паркови и зеленило„ , почнувајќи од 09.01.2013 год. (среда), ќе спроведат акција за уредување на дрворедот од јавори на ул.„Јане Сандански„. Со оваа активност ќе се изврши кастрење и кроење на гранките, како и сечење на старите, суви и уништени гранки, согласно претходна проценка од наши стручни лица. На овој начин ќе се обезбеди соодветна подготовка на дрвјата пред пролетното раззеленување и цутење, како и подобрување на условите за непречено одвивање на сообраќајот и движење на пешаците.
Апелираме до граѓаните и правните лица да ги отстранат паркираните возила за непречено и безбедно изведување на планираните активности.
НОВОГОДИШНА И БОЖИЌНА ЧЕСТИТКА
Ј.П.”Охридски Комуналец” на сите граѓани на Општина Охрид, сите свои корисници и деловни партнери им ги честита новогодишните и божиќните празници со желби за среќна, успешна и бериќетна 2013 год.
Во претстојната 2013 год. ќе продолжиме со нашите активности за подигнување на степенот на одржување на јавната чистота, јавното зеленило и услужната хигиена , нашите сервисни услуги ќе им се на дофат на граѓаните, а заштитата на човековата околина и равојот на еколошката свест кај нашата најмлада популација на транспарентен начин секојдневно ќе ја надградуваме.
Деградиран „Паркот на пријателство„
Не измина еден месец откако за патрониот празник на градот-„Св.Климент Охридски„ беше пуштен во употреба „Паркот на пријателство„, а веќе истиот е деградиран. Имено, ноќеска од страна на насилници, едната плоча е целосно искршена, а друга е оштетена. Екипите на Ј.П.Охридски Комуналец случајот веднаш го пријавија во СВР-Охрид, од каде очекуваме брзо реакција и наоѓање на виновниците.
Апелираме до надлежните служби да обезбедат поголемо присуство на свои службени лица во парковите, како ваквите немили настани не би се повториле и би се избегнале несаканите последици, посебно за новогодишните празници кога голем број светлосни реквизити се под струен напон .