Category Archives: АКТУЕЛНО
Хортикултурно уреден просторот кај крстосницата „Питу Гули„-„Марко Нестороски„
Според утврдената динамика од страна на општина Охрид за создавање 40 нови зелени катчиња на целата територија на општина Охрид, Ј.П.Охридски Комуналец хортикултурно го оплемени новоуредениот простор кој се наоѓа во УЗ.Горна Влашка Маала, во близина на чинарот, на аголот од крстосницата на улиците „Питу Гули„ и „Марко Нестороски„. Засадена е трева, 150 сезонски цвеќа и 30 декоративни садници.
Комуналец го санираше зеленилото од приватните имоти по „Марко Цепенков„
Во одржувањето на јавното зеленило по јавно-прометните површини Ј.П.„Охридски Комуналец„ секојдневно се сретнува со проблеми кои произлегуваат од одржувањето на оградите, дрвјата и жбуновите кои од приватните имоти се шират на јавните пешачки површини и сообраќајниците.
По налог на Општинскиот инспекторат се санираше состојбата на пешачката патека по ул.„Марко Цепенков„ на потегот од кружниот тек на ул.„Питу Гули„ до месноста „Стобекс„. Отстранети се делови од зелената жива ограда, гранки од дрвја и диви жбунови од приватните имоти кои го попречуваа движењето на пешаците и ја попречуваа видливост на сообраќајните знаци.
Упатуваме апел до граѓаните дека се сами должни да го одржуваат зеленилото на своите имоти кое не смее да преминува на јавна површина и дека согласно Законот за јавна чистота овие дејствија подлежат на ригорозни казни.
Хортикултурно се дотерува „Булевар Туристичка„
Во текот на оваа работна недела екипите на „Паркови и Зеленило„ вршат пролетно средување на дрворедот вдолж сообраќајницата „Булевар Туристичка„. Оштетените дрвја се санираат, сувите и искршени гранки се отстрануваат, а крошните се оформуваат. Исто така се коси тревниот дел вдолж оваа сообраќајница на потегот од крстосницата кај Градскиот пазар до месноста Петља.
Подигнати 30м3 муљ во близина на Холандскиот Парк
По налог на Опшинскиот инспекторат е извршено чистење на крајбрежниот појас по градскиот кеј (во близина на Холандски Парк). Поради нискиот водостој во овој дел од крајбрежниот појас се натрупани големи количини муљ, па пристапено е кон расчистување со багерување со употреба на специјална механизација. Подигнати се и транспортирани 30м3 муљ и друг вид отпад. Оваа активност ја спроведуваме согласно годишната програма за Јавна хигиена во доменот на вонредни активности.
Расчистена локација на „Булевар Туристичка„ запоставена од сопствениците
Во одржувањето на јавната чистота на јавно-прометните површини кои согласно законот за Јавна чистота се точно дефинирани и истите треба да ги одржува Ј.П.„Охридски Комуналец„ , секојдневно се соочуваме со проблеми кои произлегуваат од создавањето мини-депонии на приватни имоти. Овие мини-депонии се наоѓаат на многу фреквентни локации и претставуваат грда слика и опасност за сите граѓани. Денеска по налог на Општинскиот инспекторат се расчистуваше локацијата која е во приватна сопственост, (просторот беше целосно запоставен од сопствениците), а се наоѓа покрај најфреквентната сообраќајница во Охрид-„Булевар Туристичка„ , во близина на градскиот пазар.
Подигнати се енормни количини зелен и расфрлан комунален отпад.
Нека Вашите дворови и тераси бидат цветни во секое годишно време
Расадникот кој функционира како засебна работна единица во рамките на Ј.П.”Охридски Комуналец” располага со голем асортиман саден материјал со кој на граѓаните им овозможуваме да ги украсуваат и аранжираат своите дворови и тераси во секое годишно време. Во моментов покрај декоративните зимзелени, листопадни и украсни дрвја, располагаме и со цветен саден материјал од зимската и рано-пролетната цветна реколта.
Располагаме со садници од видот хибридна виола (очиња) во одлична состојба и квалитет со разновиден колорит, потоа белис -перенис и каранфилчиња, кои се сега по намалени цени и пристапни за сите граѓани. Заедно со садниот материјал Ви нудиме и изработка на идејни проекти за уредување на Вашите дворови.
Ќе никнат 40 нови зелени катчиња
По барање на Градоначалникот на општина Охрид, Никола Бакрачески,екипите на Ј.П.„Охридски Комуналец„ дефинираа нови 40 локации за парковски решенија кои ќе бидат застапени во сите урбани заедници на општината. Желбата за чиста, здрава и зелена околина сега ќе им биде на дофат на сите граѓани преку оформувањето на овие катчиња во нивните дворови, населби и најблиската околина.
Во првата фаза би ги издвоиле следните локации: просторот околу Маларична, околу Т.Ц.„Гранит„ на „Булевар Туристичка„ , кај поранешниот т.н.„Мини-маркет„ , пресек „Булевар Туристичка„ и „Даме Груев„ кај „Тренд„ , влез „Проаква„ , „Никола Карев„ , влез Горна Порта, Сараиште, Саат Кула, поранешен наплатен центар на МРТ, во с.Пештани кај рибниот ресторан, с.Лескоец, с.Велгошти кај училиштето и градинката, просторот наспроти Противпожарната единица, социјалните згради на „Сирма Војвода„, инфо центарот на „Булевар Туристичка„ , пресек „Пере Тошев„ и „Булевар Туристичка„ , дворови на училиштата, „Парк на пријателство„, „Скејт Парк„, „Мазија„ и др.
Денес е предвидено да биде завршено хортикултурното решение на парковскиот дел пред зградата „Ремис„ (позната како „кифла„). Тревниот простор е обработен и уреден, а засадени се 7 палми и 100 ружи.
Жардињерата на „Туристичка„ се обновува со нови садници
Бетонската жардињера која се наоѓа помеѓу коловозните ленти на „Булевар Туристичка„ хортикултурно се дотерува. Сите оштетени садници на потегот од крстосницата кај гимназијата до крстсницата кај градскиот пазар се отстрануваат, земјената подлога се обработува и се засадуваат нови садници. Планирано е на овој потег да се засадат околу 60 нови садници од зимзелени и украсни видови кои на сообрќајницата ќе и дадат подобар естетски изглед, а во исто време нема да претставуваат пречка во одвивањето на сообраќајот.
На Полигонот оставени вреќи со трева
Во врска со написите пласирани на некои од електронските медиуми, дека опасен отпад е оставен во црни најлоски вреќи на просторот од поранешниот полигон за мали спортови, од Ј.П.„Охридски Комуналец„ ги информираат граѓаните дека не се работи за никаков опасен отпад, туку најобична трева. Според наше мислење или некој ја собрал околната трева за исхрана на животни, или пак некој несовесен поединец од околните куќи или згради го уредувал своето дворно место и зелениот отпад го фрлил на оваа локација. Нашите екипи веднаш излегоа на лице место и бидејќи се работи за приватен имот, издаден е налог од Општинскиот инспекторат. Ваквите простори кои се во приватна сопственост треба да ги одржуваат самите сопственици, или пак да склучат договор со јавното претпријатие, кое ќе ја одржува хигиената со соодветен надомест.
Во интерес на граѓаните на општина Охрид, денеска целиот простор се расчистува од натрупаниот отпад, каде поради отворениот пристап, многу често се создаваат мини-депонии.
Се уредува просторот кај крстосницата „Питу Гули„-„Марко Нестороски„
Ј.П.Охридски Комуналец го оплеменува просторот кој се наоѓа во УЗ.Горна Влашка Маала, во близина на чинарот, на аголот од крстосницата на улиците „Питу Гули„ и „Марко Нестороски„. Овој простор ќе добие комплетно нов лик. Во почетната фаза просторот со специјална механизација се расчистува, теренот се израмнува, по што ќе следи реализацијата на партерното решение со кое е планирано поставување на бехатон подлога, фонтана, клупи и засадување на украсни садници.