Category Archives: АКТУЕЛНО
Расчистена дива депонија кај с.Рамне и подигнат отпадот кај „Беј Бунар”
Расчистена дивата депонија кај с.Рамне. Подигнат е сиот отпад со кој несовесни граѓани се ослободиле од своите домови: душеци, кревети, бела техника, градежни материјали и др. Поради енормните количини отпад употребена е специјална механизација.
Подигнат е и отпадот кој Здружението за заштита на природното и национално богатство „Енхелеус Лихнид” го собра од патот за „Беј Бунар”. Нашето претпријатие им излегува во пресрет на ваквите еко-акции со цел сите заедно да помогнеме за почист и поубав Охрид.
Подигнат тешко разградлив отпад од р.Сушица
Подигнат тешко разградливиот отпад кој за среќа не заврши во водите на Охридско Eзеро. Со поставената метална решетка на реката Сушица по нејзиното течение во близина на ул.„Петрино”, големи количини пластична и картонска амбалажа, најлон-кеси , градежен шут и друг вид отпад е подигнат од оваа локација. На овој начин со спречување на влевање на најразличен вид цврст отпад во езерските води, ја заштитуваме нашата најрепрезентативна природна убавина.
Подигнати големи количини кабаст отпад
Изминативе денови се спроведоа активности за подигнување на несоодветно депониран кабаст отпад на многубројни локации во градот и околината. Ниската еколошка култура е евидентна на секој чекор и за жал сите ние сме сведоци на овие секојдневни фотографии за сметка на несовесни поединци.
Во следниот период ќе организираме акции за подигање кабаст отпад од различни локации во градот за што граѓаните локацијата треба благовремено да ја пријават кај нашите дежурни служби . Потсетуваме дека на ден 10.12.2021 год, петок, Ј.П.„Охридски Комуналец” ќe организира акција за подигање отпад од населбите „Воска” и „Даљан”.
Оперативните служби на терен
Оперативните служби при Ј.П.„Охридски Комуналец” се постојано на терен со цел надминување на проблемите во одржувањето на јавната и услужната хигиена и одржувањето на јавното зеленило на различни локации во градот и околината. Денес се изврши генерално чистење на ул.„Васил Стефоски” со отстранување на ниската вегетација од тротоарот и наносите од земја и друг вид отпад.
Екипите на „Паркови и зеленило” извршија тековно одржување на уредениот појас кај сообраќајната клучка на влезот во Охрид.
Се уредуваше и дворната површина во близина на Т.Ц.Гранит ул.„Булевар Туристичка” од жбунеста и дива вегетација од каде се подигнати големи количини зелен отпад.
Сервисна информација за дислокација на контејнерите од ул.„Македонски Просветители”
Ј.П.„Охридски Kомуналец” ги известува корисниците на нашите услуги дека се дислоцирани контејнерите кои беа поставени на ул.„Македонски Просветители” пред маркетот „Рамстор”, заради реконструктивните зафати на оваа улица. Истите сега се поставени на почетокот на ул.„Кеј Македонија” во близина на НУЦК.„Григор Прличев” -Охрид.
Акција за подигнување кабаст отпад од населбите „Воска“ и „ Даљан“
Ј.П.„Охридски Комуналец” ги известува граѓаните на општина Охрид дека на ден 10-ти декември, петок, организира акција за подигнување кабаст отпад (душеци, стар мебел, телевизори, шпорети, теписони и др.) од населбите „Воска“ и „ Даљан“. Со акцијата ќе бидат опфатени улиците „Гоце Делчев”, „Шар Планина”, „Крум Точков”, „Пере Тошев”, „Васил Стефоски”, „Сатеска”, „Петар Поп Арсов”, „Махмут Рифат”, „Ариф Мустафа”, „Аџи Мустафа” и „Мичо Гилиќ”.
Се молат граѓаните кои живеат во наведените делови од градот, доколку имаат ваков отпад, уредно да го депонираат во утринските часови најдоцна до 8 часот на места достапни за нашите возила, со претходно пријавување на локацијата во Секторот за Механизација на тел.075-495-428.
Со првиот снег оперативните служби веднаш на терен
Сите оперативни служби од Ј.П.„Охридски Комуналец” првиот снег го дочекаа спремно. Веднаш се излезе на терен со расположивата механизација и дежурни екипи. Се расчистува снежната покривка од коловозите и јавните површини и се делува со абразивни средства со цел да обезбедиме непречено движење на возилата и пешаците, како во централното градско подрачје, така и во приградските населби. Со помош на механизација на која се приклучени ножеви за чистење на снег и епохи се расчистуваат прво коловозите од улиците со највисок приоритет и ризик во зимски услови: „Стар Град„ , „Гоце Делчев„ (бараки), централните фреквентни сообраќајници, а ќе се продолжи со патот до с.Велестово и с.Елшани.
Се расчистуваат и јавните пешачки површини со највисок приоритет и чаршијата, а каде што има потреба се делува со абразивни средства.
Екипите на „Паркови и зеленило” превентивно ги отстрануваат снежните наноси од крошните од дрворедите како не би дошло до кршење на дрвјата.
Генерално чистење на ул.„Железничка”
Екипите на „Јавна хигиена” во раните утрински часови спроведоа активности за одржување на јавната хигиена на магистралниот пат -ул.„Железничка”. Оваа фреквентна сообраќајница темелно се расчистува од наносите од песок и земја покрај коловозните ленти , се одстранува ниската вегетација од тротоарите и граничниците и се подигнува расфрланиот отпад и паднатите лисја.
Вонреден ангажман за расчистување на кејот
Согласно временските неприлики и засилениот јужен ветар, екипите на Ј.П.„Охридски Комуналец” изминатиов викенд беа вонредно ангажирани за расчистување на просторот околу градското пристаниште и кејот на потегот од пристаништето до Холандскиот Парк. Големите езерски бранови по шеталиштето и во крајбрежниот појас исфрлија големи количини најразновиден отпад (тешко разградлив комунален отпад, трска , реса и др.) кои секојдневно се расчистуваат и транспортираат.
Со акцијата ќе се продолжи и во следните денови.
Се депонираат абразивни средства на повеќе локации
Согласно законските обврски кои ги има Ј.П.„Охридски Комуналец” околу одржувањето на јавните површини во зимски услови и „Програмата за зимско одржување на територијата на општина Охрид” депонирани се вреќи со сол и ризла во „Стар Град” . Со овие активности ќе се продолжи на повеќе локации во градот и руралните места со цел нашите служби и жителите превентивно да реагираат во справувањето со голомразица и снежни врнежи.