До кога еко-некултурата ќе биде наше секојдневие

Нашите служби  секојдневно се соочуваат со проблеми и несоодветно депонирање на комунален отпад, градежен шут, зелен и кабаст отпад. За жал секое утро овие фотографии се реалност која тешко се искоренува од навиките на граѓаните.

Градежен шут оставен покрај контејнерите на ул.„Питу Гули„, расфрлани вреќи  и картонски кутии на ул.„Сирма Војвода„, јоги, кревети и картонски кутии од набавена електронска опрема на ул.„Јане Сандански„, градежен шут на „Славеј Планина„ , оставени вреќи отпад покрај празни контејнери, оштетувања и палење на контејнери и уште многу други примери ги регистрира нашата камера во изминатите два дена.

Не се почитува ниту динамиката и комуналниот ред за деновите кога се подига комуналниот отпад. Нашите служби превземаат вонредни активности за подигање на расфрланиот отпад и покрај фактот што тоа не е наша примарна обврска, за враќање на локациите во  првобитна состојба, но набрзо повторно никнуваат нови  мини-депонии.

Доколку граѓаните својот стар мебел го оставаат насекаде, градежниот отпад го фрлаат на јавните површини и свесно ги опожаруваат контејнерите, градот Охрид нема да го оправда епитетот „туристички бисер„ . Наша цел е хигиената и чистотата во градот да се издигнат на највисокото можно ниво па затоа апелираме  граѓаните правилно да го депонираат својот отпад, да не создаваат диви депонии што ја загадуваат животната околина, да не ги уништуваат садовите наменети за фрлање отпад и на тој начин да ги заштитат и зачуваат чистотата и убавината во своите урбани средини.

Share