Од активностите на Комуналец во зимски услови
Поради снежното невреме кое го зафати охридскиот крај, Ј.П.”Охридски Комуналец” од вечерните часови е на терен и го расчистува снегот од коловозите и тротоарите. Расчистувањето на коловозите се врши со расположивата механизација, додека за расчистување на тротоарите и непречено движење на пешаците ангажирани се вработени од сите јавни претпријатија во Охрид: Ј.П.”Нискоградба”, М.Ј.П.”Проаква”-Охрид, Ј.П.”Градски Гробишта”, С.Р.Ц.”Билјанини Извори” и Територијалната противпожарна единица-Охрид . Мобилни се и екипите на “Паркови и зеленило” кои имаат полни раце работа . Влажниот снег со својата тежина допринесе на многу места во градот да се скршат гранки од дрвја. Ситуацијата на терен постепено се санира, прво се расчистуваат новите дрвореди по ул.”Димитар Влахов” и “Партизанска”, а се пристапи и во расчистување на паднатите гранки по патните правци кон Свети Стефан, кон Лескоец и во страиот дел од градот. Дежурните екипи и понатака остануваат во мобилна состојба.
Ј.П.”Охридски Комуналец”-Охрид ги известува сите граѓани и правни субјекти од Општина Охрид, дека согласно Законот за Јавна чистота во зимски услови при снежни врнежи се должни веднаш да започнат со чистење на снегот на отворените простори пред нивните објекти како би обезбедиле непречен пристап по тротоарите, коловозите и до објектите. Секое непочитување на Законот за јавна чистота може да биде санкционирано.