Акции за расчистување на локации кои се под туѓа ингеренција
Кога другата страна не си ги извршува работните задачи пропишани со закон, Ј.П.”Охридски Комуналец” по налог на Градоначалникот на општина Охрид, Александар Петрески, а во интерес на граѓаните и туризмот, од утре ќе започне со широкоопфатни акции за расчистување на т.н. диви депонии на локации и места чие одржување не е во наша ингеренција. Овие грди слики оставаат негативен впечаток за Охрид како туристички центар, иако Локалната самоуправа многу вложува во туризмот и привлекување на странски туристи.
Во петок (20.07.2012 год.) ќе спроведеме акција за чистење на појасот околу магистралниот пат Охрид-Скопје, на потегот од сообраќајната клучка при влезот во Охрид до охридскиот аеродором “Св.Апостол Павле”. Ќе се расчистуваат мини-депонии од градежен шут и расфрланиот отпад, а исто така ќе се искоси тревата околу магистралниот пат. Ќе бидат ангажирани 20 вработени и специјална механизација.
мини-депонии од градежен шут на магистралниот пат
од Скопје при влез во Охрид
Во сабота (21.07.2012 год.) ќе спроведеме акција за чистење на крајбрежниот појас во населба Даљан, во близина на х.Магнус. Иако со голем дел од овој простор стопанисува правен субјект, никој не се грижи за одржување на хигиената, па затоа во сабота ќе се расчистува овој простор.
фотографии од расфрлан отпад –
крајбрежен појас Даљан каде стопанисува правен субјект
Од понеделник (30.07.2012 год.) Ј.П.”Охридски Комуналец” ќе ангажира свои вработени за одржување на јавната хигиена на појасот околу магистралниот пат Скопје-Св.Наум, на потегот од аеродором “Св.Апостол Павле” до Св.Наум.
Се надеваме дека со ваквите акции ќе се разбуди еколошката свест кај поединци и дека со овие грди слики нема да ги пречекуваме добронамерниците во најголемиот македонски туристички центар.