Акција за чистење на крајбрежниот појас под Охридското Кале
Ј.П.„Охридски Комуналец„ реализира уште една акција за чистење на крајбрежниот појас под Охридското Кале, при вливот на реката Грашница во Охридско Езеро. Иако вакви акции се реализирани во повеќе наврати во изминатиов период, сликата на крајбрежниот појас и по течението на реката Грашница останува непроменета, по многу краток период по реализираната акција. Речните води со себе носат огромни количини отпад, во најголем процент пластични шишиња, најлон кеси и картонски амбалажи, а со тоа претставуваат опасност и потенцијални загадувачи на Охридското Езеро.
И во овој случај Ј.П.„Охридски Комуналец„ ќе го расчисти овој потег и ќе се подигне натрупаниот отпад, но апелираме до граѓаните за поголема еколошка свест, што е во интерес на сите граѓани и одржливиот развој на туризмот.